Македонија
8. јуни 2018 - 17:19

МВР потврди дека две недели ја обезбедува судијката Добрила Кацарска

МВР истражува кој и зошто и се заканува на судијка Добрила Кацарска. Министерот Спасовски потврди дека веќе 2 недели, полицијата ја обезбедува во и надвор од работното место. Вакво барање МВР има добиено од првиот човек на Кривичниот суд.

Имаме обврска за сите носители на јавни функции за кои ќе има барање или постои безбедносен ризик да обезбедиме заштитта на интегритетот и на личноста. Во овој случај врз основа на барање од Судот, а по проценка направена во службата, е доделено физичко обезбедување на судијката Добрила Кацарска, изјави Спасовски.

Во телефонски разговор Кацарска одби да одговори од кого и какви закани добива. Кусо не упати вакви информации да побараме од претседателот на Кривичен Иван Џолев, кој до крајот на неделава е на патување надвор од Македонија. Од судот повеќе информации најавуваат од понеделник.

Судијката Кацарска ги водеше судските предмети Тенк и Триста на Специјалното обвинителство. За набавката на блинираниот мерцедес го осуди екс-премиерот Груевски на затворска казна од две години, додека за двата предмети Ѓоко Поповски заработи вкупно 15 ипол години затвор. На барање на Кацарска пред три дена, комисија од клиниката за Гинекологија утврдуваше дали екс-министерката Јанкуловска ќе може да ги следи судските рочишта во 9-тиот месец од ризичната бременост.

Кацарска првично беше дел и од судечкот совет во предметот Поткуп против премиерот Зоран Заев.