Македонија
12. April 2016 - 16:35

МВР од денеска функционира нормално, старите началници се вратени на своите позиции

Во однос на состојбите по понудената оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и состојбите во работата на Министерството по вчерашното укинување на неговите одлуки од страна на Владата, заменик министерот Митко Чавков денеска оцени дека Министерството во сите области функционира вообичаено.

- И  покрај понудената оставка од министерот Спасовски собранието немаше седница така што таа не е прифатена како и оставките од останатите кои учествуваа во владата на ВМРО ДПМНЕ. Секако дека Министерството функционира нормално бидејќи овластувањата и надлежноста на министерот не се доведени во прашање туку доведени се во прашање со одлука на Влада само оние незаконски решенија и акти што тој ги има донесено од ноември минатата година досега, изјави Чавков, кој присуствуваше на пуштање нов објект на полициското одделение во општина Јегуновце.

Чавков поосчи дека вчера упатил телеграма до директорите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање со кои ги информирал за владината одлука врз основа на која се поништени сите незаконски решенија.

-Тоа беа еклатантни примери за кршење на Законот и сосема спротивни на духот од договорот во Пржино и сосема спротивни на Законот за организација на Влада. Во овој контекст мора да подвлечам дека се водеа многу постапки и околу 123 тужби имам поднесено досега од кои за 32 имаме веќе правосилни решенија од Вишиот управен суд во кои децидно е кажано дека му се забранува на министерот за внатрешни работи да презема правни дејствија по решенијата. Се работи за вкупно 427 незаконски решенија и практично сите тие се предмет на поништување со одлука на владата и потребно е да се воспостави претходна состојба, рече Чавков.

Според Чавков, Министерството функционира беспрекорно и така што и покрај вчерашните инциденти на јужната граница на мошне ефикасен и ефективен начин полицијата успеа да се справи со таа состојба, а така ќе се справува и понатаму со сите идни безбедносни предизвици.

- Одлуката на Владата и поништувањето на решенијата одговорно тврдам дека не придонесуваат за нарушување на системот за функционирање на МВР. Напротив, се создадоа претпоставки за исправање на овие еклатантни кршења на законските прописи и кршењето на системот за кариера што е вграден во законот за внатрешни работи. Ако во нивните политички излитени фразеологии зборуваат дека се влезени во Владата да ја вратат демократијата во Република Македонија или да извршат департизација или деполитизација на Министерството за внатрешни работи со овие незаконски одлуки тие го направија сосема спротивното, наместо тоа еклатантни примери за партизација на МВР затоа што овие незаконски назначувања на позиции или незаконски разрешувања беше токму за да внесат нивни политички активисти кои во минатото одработиле за СДСМ и сега треба да бидат наградени, изјави Чавков.

Тој посочи дека МВР има изградено современ систем за управување со човечки ресурси и тие решенија се вградени во Законот за внатрешни работи токму од причина да се обезбеди правна сигурност на сите вработени во МВР независно од политичките определби.

По чекорите што министерот Спасовски ги презело д ноември досега и одлуката на Владата, според Чавков, се елиминираат „тие незаконски постапувања и се создаваат пак претпоставки да профункционира Законот за внатрешни работи односно системот на кариера – унапредување согласно заслуги и уназадување согласно утврдена дисциплинаска постапка со докажани прекршувања на работната дисциплина“. - Со оваа одлука се враќа системот на вистинскиот колосек како што беше, рече Чавков.