Македонија
29. May 2018 - 15:45

МВР: Од 12 случаи на напади врз новинари од 2017 до денес само еден не е расчистен

Министерството за внатрешни работи изработи извештај за прецизно утврдување на нивото на кое се наоѓаат истрагите за случаи за напади врз новинари за периодите од 2013 до јуни 2017 и 2017 до денес со цел да се утврди динамиката на спроведување на оперативните истражни дејствија во службите на МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на заедничката прес-конференција со министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски ги презентираше резултатите од анализата.

Во периодот од 2013 до јуни 2017 година, како што информира Спасовски до МВР се поднесени 47 пријави од граѓани или медуми за физички напад врз новинари, загрозување на безбедноста во вид на закани иои говор на омраза.

Најголем број од нападите, 29 во главниот град, 14 се во Охрид, два во Струмица и по еден во Штип и во Битола.

Во врска со овие пријави во врска покренати се кривични пријави против пет сторители, кои сториле вкупно пет кривични дека, од кои три насилство, и по едно затајување и изнуда. Во пет случаи се покренати прекршочни постапки.  

Во периодот од 2017 до денес до МВР се поднесени 12 пријави за напади врз новинари, од кои пет се во Охрид, четири се во Скопје, два во Велес и еден во Штип. 

- Постапувано е во сите случаи и за две лица веќе се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела  насилство и загрозување на сигурноста, во три случаи се покренати прекршочни постапки против шест лица за констатирани три прекршоци, рече Спасовски.

За еден случај е поднесено известување до надлежното јавно обвинителство за кривично дело загрозување на сугурноста, за еден случај е констатирано дека се се гони по приватна тужба, а само еден случај не е расчистен.

Поповски нагласи дека не постојат никакви оправдувања за никакви притисоци врз новинарите за каков било обид за загрозување на медумските права и слободи и додаде дека има нула толеранција за каков било обид за нарушување на слободата на изразувањето.

- Не заборавивме за ветената правда за новинарите, рече Поповски и додаде дека она што било ветено на 3 мај на денот на Слободата на печатот е дека ќе се расчистат сите случаи, ќе биде исполнето. 

Додаде дека секој напад врз претставници на медиумите, физички или вербален ќе биде најостро санкциониран.