Македонија
28. January 2016 - 16:54

МВР ќе работи на подобрување на човековите права

Да се отстранат аномалиите и да се врати довербата во институцијата која треба да биде столбот на бебзбедноста во државата, МВР Оливер Спасовски очекува преку проектот за воспоставување надворешен механизам за контрола на работата на полицијата да се изгради систем за жалби, кои ќе претставуваат коректив на работата на полицијата и ќе влијаат на зголемување на ефикасноста и одговорноста на полициската служба, а ниту еден функционер нема да може да влијае во постапките.

- Можноста за независно и ефикасно решавање на жалбите насочени против полициската работа и постапување е можност плус за зајакнување на довербата на јавноста во полицијата и треба да гарантира дека никој нема да биде заштитен при евентуално несоодветно или незаконско постапување, особено не оние кои се најповикани да застанат во одбрана на правата безбедноста и сигурноста на граѓаните, рече министерот Спасовски.

За амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп треба да се истакне дека за да се постигне вистинска отчетност и одржливост е потребно системско, а не ад хок решение. Тој изрази надеж дека овој проект ќе придонесе кон тоа Македонија да развие јасна визија за тоа каков тип механизам најдобро се вклопува во македонската правна рамка.

- Измените во законодавството и институционалната поставеност, не можат многу да постигнат без јасна политичка одлука и порака која ќе биде испратена до сите полициски сили дека ќе има нула толеранција за полициски злоупотреби, рече Тања Ракушиќ - Хаџиќ, раководител на Одделението за кривично-правна соработка на Генерален директорат за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа,

Целта на проектот, финансиран од Советот на Европа и Министерството за надворешни работи на кралството Холандија, е да обезбеди поддршка на националните власти во процесот. Се очекува како резултат на проектот да се идентификува најсоодветниот модел на независен механизам за контрола на работрата на полицијата.