Балкан
15. April 2017 - 9:15

Мустафа: Можни се предвремени избори доколку пропадне демаркацијата со Црна Гора

Косовскиот премиер Иса Мустафа изјави дека земјата може да оди на предвремени избори доколку не се ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора, како клучен услов за визна либерализација.

Ова е првпат шефот на косовската Влада отворено да прифати дека изборите се опција доколку не се изгласа демаркацијата во текот на овој месец.

Досега Мустафа, но и неговите советници и министрите од неговата партија - Демократски сојуз на Косово, категорично отфрлаа избори доколку ова прашање не добие позитивна завршница.

Обид за ратификација на демаркацијата со Црна Гора се очекува да има наредната или најдоцна за две недели, бидејќи така најави претседателот на Парламентот и лидер на Демократската партија, Кадри Весели.

- Демаркацијата на границата е барање на ЕУ и на САД, но таа ќе придонесе и во добрососедството со Црна Гора, бидејќи оваа држава набрзо ќе стане членка на НАТО. Но доколку тоа не се случи земјата веднаш ќе оди на предвремени избори, оценуваат извори од владината коалиција.

Во тој случај, додаваат истите извори, Косово ќе оди на избори во рок од 30 или најдоцна 45 дена од распуштањето на Парламентот. Тоа значи дека предвремените избори би се одржале првата недела од јуни (4 јуни).

Овие избори ќе влијаат на тоа и годинава косовските граѓани да патуваат со визи во земјите од Шенген зоната, а ќе ги одложат и другите значајни процеси за земјата.