Свет
10. December 2015 - 14:26

Муижниекс: Мигрантската политика на Европа е катастрофална

Комесарот на Советот на Европа за човекови права Нилс Муижниекс оцени денеска по повод Денот на човековите права дека одговорот на Европа на мигрантската и бегалската криза бил катастрофален и повика за промена на пристапот, со цел да се покаже солидарност и толеранција. 

- Само оваа година повеќе од 3.600 луѓе, од кои многу жени и деца ги загубија животите во обид да стигнат до Европа, бегајќи од војни и сиромаштија, се наведува во писмената изјава на Муижниекс.

- Тие веруваа дека нивните животи и достоинство и се важни на Европа, но Европа ги изневери. Начинот на кој тие европски земји се однесуваа кон доаѓањето на мигрантите и барателите на азил едноставно беше катастрофален, нагласи тој. 

Комесарот напомена дека доколку тоа не се промени вредностите и принципите на Универзалната декларација за човекови права едноставно ќе ја загуби смислата.

Муижниекс нагласи дека Европа е соочена со бран бегалци и баратели на азил без преседан, некои земји ги заостриле законите за азил и имиграција, а други поставувале огради и ги задржувале барателите на азил во „структури слични на затвори“, додека случаите на политичко насилство и антиимигрантска реторика добиле на сила во јавната дискусија и во политичката дебата. 

- Не можеме да ја толерираме оваа ситуација. Европските земји мораат да го променат пристапот и да ги почитуваат вредностите на солидарноста и толеранцијата, на кои се обврзаа кога влегоа во СЕ, истакна комесарот за човекови права.