Македонија
12. March 2020 - 10:33

МТСП: Дополнителни мерки, активности и препораки за превенција од ширење на болеста КОВИД-19

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека согласно дополнителните мерки, активности и препораки на Владата за превенција од ширење на болеста КОВИД-19, следните категории на лица треба да бидат ослободени од работа и работни активности, врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби – хронични респираторни заболувања, тешки  кардиоваскуларни заболувања, дијабет ТИП 1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби.

Од МТСП посочуваат дека за вработените лица во институции и фирми кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и отсуството за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот.

Овој заклучок се однесува и на самохраните родители.

– За регулирање на отсуството, надлежните организациски единици за човечки ресурси во институции/фирми да побараат од овие лица да достават доказ/потврда за основот на користење на ова оправдано отсуство (потврда издадена од детската градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од матична книга на родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од сведителство), се вели во Министерството за труд и социјална политика.

Дополнително, до надлежните организациски единици за човечки ресурси во институции /фирми да достават своја лична писмена изјава под морална, материјална и кривична одговорност дека во секое време ќе бидат достапни на работодавачот за вршење на службени работни задачи и обврски од својот дом, преку комуникација со електронска пошта или пак, во текот на денот во итни ситуации да бидат и физички на своето работно место, во период од два до три часа. Образецот за Изјава е во прилог на заклучоците.

Родителите на децата кои не посетуваат детска градинка или не се вклучени во институционално воспитно-образовни процеси не се ослободени од работа и извршување на работни активности.
 
Вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.

Повторно се укажува на потребата од почитување на препораките од страна на приватниот сектор во однос на сите донесени заклучоци, мерки и препораки од Владата за моменталната ситуација.