Македонија
3. July 2021 - 8:38

Можни нови мерки за заштита од делта сојот

Имунизацијата во државата против Ковид-19 се одвива непречено, тврдат надлежните и најавуваат дека до следниот петок ќе бидат вакцинирани половина милион граѓани. Од денеска активна е и веб-страницата за ревакцинација на граѓаните кои се вакцинирале во странство, а задутре ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот.

Комисијата за заразни болести в понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Инаку, Министерството за здравство најмногу е фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче очекува до петок следната недела да бидат вакцинирани околу 500 000 граѓани.

– Поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани. Во вторник ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани во сите градови, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три градови ќе се вакцинираат сите пријавени граѓани до петок следната недела. Што значи вкупната бројка на вакцинирани граѓани ќе биде околу 500 илјади, изјави Филипче во текот на вчерашниот ден.

Тој потенцира дека теренска вакцинација ќе се интензивира следната недела и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.

Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

– Нема контраиндикација за ниту една вакцина, но се дава предност на „фајзеровата“ вакцина, рече Филипче.

Според последниот извештај на Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 346 836 граѓани. Вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225 340 граѓани.

– Со последните бројки 52 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопштија од Министерството.

Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 481 809 граѓани. 

Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Што се однесува до оние граѓани кои се вакцинирале во странство, а сакаат да се ревакцинираат во државата, тие можат да се пријават на веб-страницата „https://vakcinacija.mk/revaccination“, која ќе биде во функција до 10-ти месецов.

Од Министерството за здравство посочуваат дека преку регистрацијата на граѓаните, ќе можат да добијат детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат.

-Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можевме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат, се наведува во соопштението на Министерството.

Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години.

За сите други граѓани после регистрација на сајтот, од Министерството за здравство појаснуваат дека ќе направат обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што, како што велат, ќе информираат прецизно во јавноста.

Инаку, пред два дена во државата пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астра Зенека“, како донација од Хрватска.

Тие од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот „Астра Зенека“ или на производителот „Модерна“. 

Данската Влада пак, намени два милиони вакцини „Астра Зенека“ како донација за Западен Балкан, од кои 250.000 дози за Македонија.

-Данската Влада намени милион дози вакцини, по 250.000 дози како донација за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, и Косово, како и уште милион дози вакцина „Астра Зенека“ за меѓународниот механизам за дистрибуција на вакцините КОВАКС, соопштија од Данската амбасада во Белград.

Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои не се испорачани сѐ уште. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.

Во државата продолжува темпото на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 11 случаи, од направени 2.723 тестирања. Новите случаи се регистрирани во Скопје – 5, Тетово – 3, Битола , Берово и Пехчево – по еден.

Регистрирани се четири оздравени пациенти, а пријавено е едно починато лице, и тоа од Македонски Брод, во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 884.593 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.700, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а активни се 147 случаи.