Македонија
23. December 2019 - 8:21

Можни комбинаторики за коалицирања за идната влада по изборите

 
Во очекување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, наредната година, дел од најголемите политички партии во земјава почнаа да ги соопштуваат условите за можни коалиции за идната влада.
 
Али Ахмети од Четвртиот конгрес на партијата одржан изминатиот викенд во Скопје, на кој беше реизбран за лидер на ДУИ, порача дека без почитување на Рамковниот договор како и на договорите со Грција и со Бугарија не треба да сметаат на евентуална коалиција со ова партија. Трите договори рече ги смета за затворени прашања.
 
– Нема ниту простор ниту време за да гледаме назад, ова се затворени прашања и обезбедуваат една посигурна иднина на РМ. Секое настојување за ставање раце на овие три елементи ќе биде соочено со отпор и нас нема да не има за партнери, бидејќи се доведува во прашање иднината на нашите граѓани и идните генерации, вели Ахмети.
 
Тој додаде дека ДУИ е во комуникација и соработува со сите политички партии, разлики имало, има и сега, но рече, разликите не смеат да ги стават под прашање интересите на општеството и државата. Најави и победа на претстојните предвремени избори.
 
– На 12 април ќе го имаме првиот предизвик. Сигурен сум дека како што сме запишале за 18 години – 16 победи, ќе следи нова на 12 април. Како субјект, движење кое знаеше етнички и политички да балансира во овие простори, така на 12 април нема да победи ДУИ, туку ќе победи државата, ќе победат граѓаните на РМ затоа што сме знаеле да менаџираме да балансираме, да се соочиме со големи потешкотии и со успех да ги надмине, порача староновиот лидер на ДУИ.
 
Претсдедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендот во интертвју за радио Слободна Европа, во врска со можноста за коалицирање со ДУИ, посочи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, имаат принципиелен став дека ќе коалицираат со секоја политичка партија која ќе ја прифати нејзината платформа, односно политичка програма.
 
– Ќе седнеме, ќе разговараме, ќе преговараме и зошто да не и ќе коалицираме. Немаме преференци кон ниту една, имаме релации со сите политички партии коишто се претставници на Албанците, имаме со политичките партии коишто не се претставници на Албанците, туку на другите етникуми итн, така што ќе имаме програма на масата и доколку најдеме точка на поврзување, зошто да не, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Министерот за транспорт и врски и член на владеачката СДСМ, Горан Сугарески, пак, вчера изјави дека фокусот на социјалдемократите во моментот е на спроведување демократски избори на 12 април, а за коалицирањето ќе се одлучува по изборите.
 
– Ние сме сконцентрирани сега на тоа на 12 април да се случат демократски избори на кои што убеден сум СДСМ ќе победи. Во делот на коалицирањето ќе се случува по тоа, изјави Сугарески на прес-конференција запрашан дали повторно се отвара патот за коалицирање на СДСМ со актуелниот коалициски ДУИ по изјавата на Али Ахмети.