Македонија
15. February 2018 - 8:49

Можна средба на Димитров и Коѕијас во Софија, се згуснуваат чекорите за решавање на спорот

По средбата во Виена, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот грчки колега  Никос Коѕијас би можеле повторно да се сретнат во Софија, објавија грчките медиуми. 

Државната ТВ ЕРТ јави дека нивната средба треба да се одржи денеска, додека останатите медиуми со доза на резерва објавуваат дека е можно и веројатно двајцата министри за надворешни работи да се сретнат на маргините на неформалниот состанок Гимних во Софија, јавува дописникот на МИА од Атина.

грчки медиуми

Весникот „Авги“, што важи за гласник на СИРИЗА, пишува дека сѐ повеќе се згуснуваат чекорите „за решавање на македонското прашање“, а по средбата во Виена веројатно е дека Димитров и Коѕијас одново ќе се сретнат во Софија.

„Катимерини“ и „Авги“ откриваат дека нацрт-спогодбата што Атина треба да му ја предложи на Скопје, не била доставена во Виена.

- Претпоставка, сепак, е дека разговорите веќе се навлезени во суштината и на маса биле сите прашања – лесните, разбирливите и трнливите. Ова се случи завчера на билатералната средба на двајцата министри за надворешни работи, но и вчера кога им се приклучи и специјалниот медијатор од ОН за „македонското прашање“, Нимиц“, пишува весникот „Авги“, пренесува МИА.

Оптимизам дека може да се постигне заемно прифатливо решение, искажа и  портпаролот на грчката Влада, на гостувањето во емисија на Првата програма на грчкото државно радио.  

- Преговорите продолжуваат врз база на рамката што беше поставена со нашите соседи. Оптимисти сме дека ќе успееме да постигнеме заемно прифатливо решение. Сепак, не сакам во овој момент да предвидам ништо. Работиме во насока да се постигне договор за сложено име што ќе важи за сите и за севкупна употреба, за што предуслов е уставна ревизија кај соседот, особено во однос на уставното име, рече Ѕанакопулос за грчкото радио.

Портпаролот на грчката Влада без коментар за техничките детали од преговорите, особено во однос на тоа дали нацрт спогодбата и е доставена на македонската страна.