Бизнис
13. November 2019 - 18:01

Може ли да се оствари проектираниот раст за да се испорачаат ветувањата?

Економијата догодина не може да порасне 3,8% како што планира Владата. Затоа буџетот е нереален, смета бизнис секторот. Според ССК максимумот до кој може да расте БДП во 2020 е 3,2%.

Владата вчера го образложи најголемиот буџет досега кој, како што рекоа, вложува во човечки капитал. Со него се предвидени поголеми плати за административците и поголеми пензии за 700 денари плус законските усогласувања два пати годишно. Експертите оценија дека зголемените плати за здравственбите работници и за наставниците се оправдани, но побараа Владата да не применува ад хок зголемувања на пензиите затоа што со нив се подрива пензиската реформа која требаше да го стабилизира фондот.

Министерката за труд вели дека зголемувањето не е ад хок и дека фондот е стабилен. Годинава биле заштедени повеќе пари од планираното, а заради поволните движења во економијата и високиот пораст на платите, пензионерите можат да добијат повеќе пари.

Според опозицијата пак, за три години Владата на пензионерите им одземала 1800 денари.

„Три години по ред власта не им дава  на пензионерите покачување од 600 денари, кое го имаа во време на ВМРО-ДПМНЕ. Наводното покачување кое од догодина ќе го имаат пензионерите е само покачување за една година, а притоа власта им ги задржа на пензионерите парите кои ќе ги добиеја со ВМРО-ДПМНЕ“, реагира партијата.