Македонија
1. July 2020 - 16:33

Можат ли министрите наутро да промовираат проекти платени од граѓаните а навечер да бидат партиски кандидати?

Претпладне премиерот Оливер Спасовски врши увид на реконструкција на училиште во Шуто Оризари при тоа информирајќи за се што Владата изминативе три години направила и за општината, но и за тоа што планира во иднина да го направи. Само неколку часа подоцна Спасовски овој пат како носител во Втората изборна единица од редовите на СДСМ исто така ќе го посети Шуто Оризари.

И покрај тоа што според Изборниот законик забрането е да се промовира почеток или крај на проект финансиран од буџетски пари, антикорупциската комисија не може да реагира бидејки се работи за увид на претходно почнати проекти. Сепак, препораката е тоа да не се прави.

Премиерот Спасовски вели би бил среќен секој ден да може да промовира капитални инвестиции, партиската кампања била попладне.

И лидерот на СДСМ Зоран Заев кој во претходните изборни циклуси најмногу забележуваше на мешање на владините и партиски функции за време на изборна кампања не гледа проблем.

Спасовски не е единствениот владин функционер кој изминатива недела и покрај почнатата изборна кампања  претпладне прави удвид на почнати проекти, а попладне води партиска кампања. Често тоа го прават и вицепремиерката Мила Царовска, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и  директорката УЈП Сања Лукаревска, сите коносители на партиски листи. Царовска и Шеќеринска дури и денешните настани на кои беа најавен како владини претставници ги имаа ставено и на своите фејсбук страници како партиски кандидати за изборите.