Свет
11. August 2016 - 13:23

Москва потврди дека стапил во сила тричасовниот прекин на огнот околу Алепо

Официјална Москва потврди дека сириските сили лојални на претседателот Башар ал Асад, подржани од руските сили, ги прекинале операциите околу Алепо во траење од три часа, за да може да се достави хуманитарна помош.

Засега не се знае како на ваквата сириско-руска одлука реагирале бунтовничките сили.

Не е познато ни дали и бунтовниците во овие часови го прекинале своето дејствување, како што не е познато ни тоа дали и во следните денови, тие ќе ја подржуваат одлуката на сириската и руската команда за запирање на борбите, за да се дотура хуманитарна помош.

Москва соопшти дека секој ден ќе запираат војувањата во траење од три часа, во периодот од 10 до 13 часот по локално време.

Претставниците на ОН на теренот, меѓутоа, тврдат дека три часови е недоволно време за да се достави помошта која им е неопходна на сите цивили кои се под опасада.

Интензивните борби продолжуваат меѓу припадниците на разните бунтовнички групи и силите лојални на претседателот Асад, подржани од руските сили.

Рускиот генерал Сергеј Рудској изјави дека Русија го поддржува предлогот на ОН за организирање заедничка супервизија на испораката на хуманитарната помош за Алепо, преку т.н. пат Кастело.

Руски воени експерти веќе работат врз реализацијата на овој предлог на Светската организација, во што се вклучени и ОН и САД.

ОН сепак и натаму бара прекин на огнот од 48 часа.