Свет
12. March 2016 - 13:14

Москва и Вашингтон не разговараат за федерализација на Сирија

Москва и Вашингтон не ја разгледуваат можноста за федерализација на Сирија, изјави денеска заменикот шеф на руската дипломатија Михаил Богданов. 

- Таквите медиумски информации не се точни, рече Богданов, кој е и специјален претставник на Русија за Блискиот исток и Северна Африка.

Во изјава за ТАСС, таквите тврдења тој ги нарече „целосна глупост“.

- Ние не сме изнесувале такви идеи. Такви идеи треба да изнесат самите Сиријци. Токму тие треба меѓусебно да разговараат и да се договараат, рече Богданов.

Тој го повтори ставот на официјална Москва дека прашањето за државното уредување треба да го решат самите Сиријци, како и дека тие самите треба да состават Устав во кој ќе одредат каков систем на власт сакаат да имаат.

- Поаѓаме од тоа дека најдобро е да се сочува единството на територијата и народот. Ние во тоа не се мешаме и не одредуваме свој став по тоа прашање, потенцира Богданов.