Македонија
14. January 2023 - 16:34

Моштите на Св.Василиј Велики пред верниците од струмичката епархија

Во чест на големиот христијански празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики Струмичката Епархија ги изнесе неговите мошти за поклонение. 

Неколку стотини верници дојдоа на празничната служба и се поклонија пред моштите на светецот што претставуваат големо духовно богатство кое епархијата го има уште од 1913. 

Со благослов на Митрополитот Струмички Наум и Викарниот Епископ Стобиски Јаков сите верници што присуствуваа на службата добија посебно лепче, а во секое од нив имаше паричка од чисто сребро. На едната страна од паричката се наоѓа ликот на Свети Всилиј Велики, а на другата Вељушкиот крст.  

„Обичајот на делење паричка во лепче е обичај кој христијаните го негуваат со векови, а тоа го прават во спомен на големото милосрдие што овој голем светител, светиот Василиј Велики го имал кон изнемоштените и посебно кон сиромасите. Од неговото житие читаме дека во времето на Јулијан отстапникот градот Кесарија каде што епископствувал светиот Василиј Велики бил под закана од самиот император и луѓето го собрале целото злато во одбрана на нивниот град. Но кога опасноста заминала светиот Василиј Велики решил да го врати целото злато на народот и тоа го направил на чудесен начин. Златото го ставил во лепчиња и го разделил на луѓето и секој човек си го добил тоа што го имал дадено, вели Отец Симеон Кантурски.

Струмичката епархија е единствена во државата која поседува мошти од Свети Василиј Велики. Според преданијата што ги пренесувале постарите свештеници тие во градот пристигнале на невообичаен начин, а ги донел војник од овој крај кој во тоа време служел во Кападокија. 

Моштите долго време биле чувани во црквата, а од пред околу три децении, со благослов на владиката Наум секоја година, на празникот на Свети Василиј се изнесуваат пред верниците за поклонение.