Македонија
1. October 2020 - 19:27

МОН: Успешно заврши првиот училишен ден, важно е секое дете да следи настава

Министерството за образование и наука известува дека првиот училишен ден помина успешно за најголем дел од учениците во државата. Физичката настава, онаму кадешто Владината комисија утврди дека има услови, се одржува согласно протоколите пропишани од здравствените власти. Платформата „Microsoft teams“ се покажа како стабилна за одржување онлајн настава и во најголем дел учениците и наставниците денеска се приклучија успешно или со помали тешкотии.

Од утрово успешно се реализира и емитувањето на 15 минутните часови на телевизија преку Националната радио телевизија за што однапред се објавени распоредите. Исто така, Министерството за образование и наука укажува дека одлуката за следење настава со физичко присуство ја носат здравствените експерти. Следејќи ги нивните насоки, при организација на наставата МОН имаше два приоритети – заштита на здравјето на сите учесници во образовниот процес и обезбедување пристап до образование за секое дете. Бојкот на наставата целосно го деградира образовниот процес, а најголемата штета од ова ја трпат токму децата. Образовниот процес мора да продолжи - клучно за развојот на секое дете е да ја следи наставата, без разлика дали е тоа онлајн, или со физичко присуство. Исто така, апелираме до сите да останат посветени и доследни на одговорноста која секој од нас ја носи во заштита на здравјето на децата, но и на јавното здравје.

Оваа година е несомнено различна од сите останати. Меѓутоа, она што е важно е што сите ученици имаат можност да следат настава и се во континуирана комуникација со наставниот кадар. МОН, заедно со сите учесници во креирање на онлајн платформата продолжува и понатаму будно да ја следи состојбата на терен.

Надлежните властипродолжуваат да ја следат епидемиолошката слика во секоја општина и да носат одлуки согласно актуелната состојба.