Македонија
31. January 2023 - 16:33

МОН чека финансии да дозволи ангажман на професорите за Математичко-информатичката гимназија

Откако родителите се заканија со тужби, се разбудија институциите. Од МОН ветуваат дека брзо ќе го решат проблемот со наставниот кадар во гимназијата МИГ. Министерот уверува дека од понеделник ќе почне стручната настава во ова средно училиште.

- Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот на извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии, кажа Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

Сојуз на средношколци реагира на бавноста со која се решава проблемот. Ја критикуваат незаинтересираноста на државата која самата ја создаде оваа стручна гимназија за да креира кадар во ИТ секторот. 

- Со жалење ја констатираме состојбата во гимназијата која беше замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по математика и информатика, велат од сојуз на средношколци.

Учениците од МИГ секоја година со недели губат настава по стручните предмети затоа што од министерството постојано доцни со одобрување на пари за да ги плати професорите кои се ангажирани со договор на дело. Се работи за ментори од математичко информатичките факултети.