Македонија
13. September 2018 - 19:11

Могерини во посета на Скопје

Не можете да си дозволите да молчите за вашата иднина, не ја пропуштајте оваа можност. Портите на Европската унија ви се отворени, но запамтете на 30 септември вие и сами вие го имате клучот за иднината и за Унијата. Ова е пораката која од името на Европската унија на само две недели пред референдумот ја испрати виската претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини. Таа денеска во придружба на премиерот Заев, вицепремиерот за европски прашања Османи и шефот на македонската дипломатија Димитров прошета и се напи чај во Скопската чаршија.

Таа честиташе, како што рече за политичката храброст да се постигне историски договор за надминување на спорот со Грција, но порача и дека идните чекори и реформи се одговорност на сите заедно: на шефот на државата, премиерот, опозицијата и на граѓаните.

За препораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски граѓаните по слободна проценка да одлучат што ќе прават на 30 септември и дека партија е против договорот со Грција, шефицата на европската дипломатија рече дека таа не може да се меша во внатрешната политика на државата, но дека секој треба да го искористи своето право на глас.

Од скопската чаршија Могерини замина на средба со Иванов.

- Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата. Ho, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат, порача претседателот Иванов на средбата со Могерини.