Свет
31. January 2018 - 14:58

Могерини: САД не треба да се обидуваат самите да постигнат мир меѓу Израел и Палестинците

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини денеска ги повика САД да не се обидуваат на своја рака да постигнат мировен договор меѓу Израел и Палестинците.

Според Могерини, мировен договор не е возможен без поддршката на САД, но исто така не е возможен доколку само Вашингтон работи за негово постигнување.

Брисел се конфронтираше со Вашингтон по прашањето на признавањето на Ерусалим како главен град на Израел и одлуката на претседателот Доналд Трамп да ја премести американската Амбасада.

Могерни денеска организираше итен состанок на Комитетот за координирање на помошта на палестинскиот народ и оцени дека сега владеат тешки денови за израелско-палестинските односи.

Таа вчера се сретна со палестинскиот премиер Рами Хамдала, средба која предизвика шпекулации дека Палестинците бараат ЕУ да ја преземе водечката улога во преговорите и да ги замени САД.