Македонија
6. March 2021 - 20:15

Модуларната болница почна со прием на пациенти, вкупно 795 хоспитализирани во државата

Новиот замав на Ковид 19 повторно ја отвори Модуларната болница во Скопје. Од изутрината се зафатени првите два болнички кревета, а според директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, се очекува до крајот на денот значително да биде исполнет капацитетот.

По порастот на бројките на заболени во изминативе денови, со голема брзина се полнат и капацитетите на останатите болници низ државава. Според последните податоци, во Ковид центрите и на инфективните одделенија се лекуваат 795 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, од кои 330 во Скопје.

Најзафатени се болниците во Прилеп и во Куманово, а ништо помалку не заостануваат ни оние во Кавадарци, Штип и Охрид.

И покрај тоа што од ден на ден се зголемува бројката на позитивни и заболени, оценката на здравствените власти е дека засега нема потреба од дополнителни мерки во вид на рестрикции.  

Министерот посочува дека моментно болничките капацитети не се загрозени и дека засега секаде има слободни кревети.

Дополни дека се одржани повеќе состаноци со Комисијата за заразни болести, а анализата за трендот на КОВИД-бројките ќе заврши следната недела, по што ќе биде познато дали ќе следуваат рестриктивни мерки.

Во меѓувреме, од Министерството за здравство информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а доколку се појави потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.