Македонија
28. November 2018 - 13:30

Мобилен ехо апарат доби Клиниката за детска хирургија

Ехо апарат, кој е мобилен, доби Универзитетската клиника за детска хирургија. Средствата за набавката на апаратот во износ од милион и 230 илјади денари ги обезбеди Државната видеолотарија на Македонија. Првпат во јавното здравство е набавен ехо апарат кој е мобилен.

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на Клиниката се заблагодари за донираните средства и истакна дека многу вложуваат во капацитетите на сите институции кои лекуваат деца. Посочи дека се во комуникација со директорот и докторите од Клиниката со цел нејзино зајакнување во смисла на нови програми, имплементирање нови методи, набавка на нова опрема и примање доктори, медицински сестри и техничари.

– Во таа смисла за буџетот за следната година се предвидени средства во програмата на Министерството, за бенигни тумори на деца кои досега не беа предвидени, а се животозагрозувачки. Со тоа сакаме да ја зголемиме и експертизата и можностите за лекување на тие дечиња во нашата земја. Имавме активност заедно со Медицинскиот факултет, а за визитинг професор е избран д-р Ѓорѓевиќ од Белград, експерт кој работи во многу светски клиники, рече Филипче.

Потенцира дека продолжуваат да го зајакнуваат капацитетот на детската кардиохирургија, ги разгледуваат можностите за некои модели на приватно јавно партнерство, со цел што повеќе да се подобрат условите, резултатите и да се зајакне кадарот и инфрастурктурата.

Шефот на Одделот за детска кардиохирургија и интензивна нега, Владимир Чадиковски рече дека апаратот ги има сите сонди и може да се носи на различни позиции, на педијатрија, во амбуланта…Посочи дека годинава се извршени над 60 кардиохирушки интервенции.

– Навистина ќе се подобри дијагностиката на сите заболувања кај децата. Верувам дека по оваа донација ќе ја продолжиме соработката со Државната лотарија, додаде Чадиковски.

Директорот на Државна видеолотарија, Виолета Ристоска најави дека идната година планираат да ги зголемат активностите за да го поддржат сето тоа што се прави за општеството.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе ја преселат Детската кардиохирургија во приватна болница и кој ќе го замени кадарот кој ќе си замине од Клиниката, Филипче рече дека станува збор за процес во кој сериозно размислуваат да влезат. Посочи дека одлуката се уште не е донесена и укажа на предностите и бенефитите кои ги очекуваат од еден ваков проект. Секогаш, појасни, се обидуваме да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните.

– Според анкетите, тие ги преферираат приватните болници пред се заради условите и не може ФЗОМ да излезе во пресрет на сите барања. Во таа смисла е оваа категорија пациенти во сферата на детската патологија. Секаде каде има простор може да ги споиме домашната експертиза која работи во приватниот сектор и во државниот сектор, да обезбедиме добри услови, интегриран сервис на здравствена услуга и кога никој повеќе нема да се испрати на лекување во странство Фондот ќе обезбеди голема заштеда не само во однос на лекувањето на пациентите во странство туку и во однос на сегашното функционирање на одредена струка. Има логика да ги разгледаме овие модели за приватно и јавно партнерство, рече Филипче.

Нагласи дека станува збор за услуга која ќе биде на товар на Фондот, никој нема да плати ниту денар од тоа што е предвидено со ДРГ пакетот на фондовската услуга која и сега се плаќа во истата таа сума.

– Не очекуваме намалување на кадарот заради тоа што станува збор за кадар кој работи во сферата на детската кардиохирургија. Доколку има потреба ќе го дополниме, меѓутоа во исто време ова е модел со кој ќе се овозможи дополнителна работа. Значи ќе можат и докторите и медицинските сестри специјално тренирани за одредена услуга да работат во јавната установа, а во смисла на дополнителна работа, да работат во приватните институции во кои ќе функционира потенцијално ваков модел, додаде Филипче.