Македонија
20. November 2017 - 11:43

МО почна со исплата на јубилејната награда на вработените

Министерството за одбрана ќе им исплати јубилејна награда на 1.800 вработени во МО и АРМ кои согласно Колективниот договор ги исполнуваат условите за тоа.

Од Министерството за одбрана информираат дека исплатата е започната, а ќе биде завршена кон сите во период од триесетина дена.

Потенцираат дека со ваквата одлука вработените ќе го остварат своето право согласно Колективниот договор,  без потреба да се покренуваат судски постапки и ќе се спречи дополнителна штета на буџетот на МО.

Со Колективниот договор Министерството презело обврска на вработените во МО и АРМ за непрекината работа во ефективно траење од 15 години да им се доделува јубилејна награда во висина на една просечна плата, но таа обврска не била исполнета и парите не биле исплатувани.

Тоа било причина 700 вработени што ги исполнуваат условите за добивање на јубилејна награда, да го тужат Министерството, а за околу 200 тужби е пресудено во корист на тужителите.

Според Министерството, со одлуката покрај исполнување на обврската, се спречува и натамошно трошење пари од буџетот за судски трошоци и трошоци на адвокатите и извршителите кои изнесуваат околу 30.000 денари по предмет.