Македонија
3. May 2016 - 8:49

Младинскиот женски хор „Стив Наумов“ на фестивал во Нанси

Младинскиот женски хор кој работи во состав на хоровите и оркестарот на КУД „Стив Наумов“-Битола, од денеска до 9 овој месец ќе учествува на меѓународен фестивал на хорови што секоја година се одржува во францускиот град Нанси.

Во Франција ќе настапат 36 членки на младинскиот женски хор и шест солистки, кои ќе исполнат 19 композиции од француски и македонски композитори.

- Фестивалот во Нанси е еден од најголемите фестивали во светот за хорови, а потврда за тоа е фактот дека оваа година ќе учествуваат рекордни 150 хорови од сите страни на светот. Според фестивалските правила, на овој настан еден хор може да учествува само еднаш, но јас како диригент на хоровите на КУД „Стив Наумов“ досега успеав да учествувам два пати, односно првиот пат со нашиот хор пред 1990 година. Вторпат со мешаниот хор, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија, а овој пат ќе учествуваме со младинскиот женски хор, истакна раководителот и диригент на хоровите на КУД „Стив Наумов“-Битола, Љубомир Трифуновски.

Поканата од Нанси и третото учество на хоровите на КУД „Стив Наумов“ е обезбедено благодарение на франкофонската традиција што ја негува градот Битола, потврди Трифуновски, кој заедно со хористите и солистите за Франција патуваат денеска во раните утрински часови.

- Битола е еден од најфранцуските градови во Европа, со развиена франкофонска традиција и обележја и тоа најмногу влијаеше да добиеме покана за трето учество во Нанси. Според фестивалската програма, сите хорови имаат задолжителна изведба на шест композиции, од нив три се со т.н. световна музика посветена на мирот, љубовта и слогата во светот, а три композиции се со духовна музика кои ги пеат сите хорови како еден. Хорот од околу 2.000 хористи ќе настапи на големиот плоштад во Нанси, а настапот ќе го следат околу 12.000 посетители, истакна Трифуновски.

Меѓународниот фестивал на хоровите од светот во Нанси се одвива на повеќе локации во градот, а младинскиот женски хор од Битола ќе приреди пет концерти и два посебни настапи на отворањето и затворањето на фестивалот.