Македонија
17. January 2020 - 16:37

Млади родители со 8-месечно бебе најдоа засолниште од студот во битолскиот Црвен крст

8-месечно бебе заедно со своите 19-годишни мајка и татко се сместени во пуктот за бездомници на Црвениот крст во Битола. Останале без покрив на главата пред скоро 4 месеци. Наместо да мрзнат со бебе на студеното време и густата магла, тие се среќни што седат во топло.  

- Многу ни помага, животот ни е во рацете овде што седиме. Инаку нема каде да одиме надвор зимно време со малата. Добро е што има радијатори, топло е, за храна и пелени се снаоѓаме. Ако може да се донира, за малата, за нас не треба. Работам приватно, железа, шишиња, што ќе најдам работам, вели Бојан Стојановски, згрижено лице во пунктот.

И 48-годишниот Тони како и минатата, така и оваа зима е згрижен во пунктот затоа што нема каде да живее. Вели, немале никакви проблеми со другите лица, сите се согласувале. Според него, најважно е да се одржува хигиената.

- Петка, одлично е. Ќе средиме, си одржуваме, хигиената е здраво за сите, ако не се одржува тогаш е штетно, вели Тони Шавдов, згрижено лице во пунктот

Во моментот тука се сместени 6 лица.

- Има обезбедено кров, тоалет, греење, вода и во соработка со приватни пекари, имаат и еден оброк. Се пријавуваат преку Центарот за социјална работа во Битола, во заедничка соработка и со полицијата, се прават потребните проверки, ги сместуваме, досега немаме одбиено ниеден, се снаоѓаме некако, заедно функционираме, вели Борче пашовски, секретар на Црвен крст Битола.

Од Црвениот крст потенцираат дека единствено лице со криминално досие не може да биде сместено во овој пункт.