Македонија
22. October 2018 - 9:31

Млади од пет општини од Истокот во Бугарија учеа за вредностите на ЕУ

 Презентација на вредностите на Европската унија беше главната цел на студиската посета на Република Бугарија од страна на шеесетина млади од општините Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица и Виница. Посетата се реализира во рамки на трансграничен проект и соработката која училиштата од источна Македонија ја имаат со фондацијата Бугарска памет. Како што истакна претседателот на оваа фондација Милан Врабевски главната цел на посетата на младите од Источна Македонија е нивното запознавање со принципите на Европската унија и искуствата на соседната земја како земја членка на ЕУ.
 
-Наша цел за организирање на овој настан пред се беше на младите да им ја доловиме сликата за Европската унија, нејзината структура, улогата на нејзините основни институции и можностите за развој кои ги нуди самата заедница. За време на презентацијата за учениците беше организиран квиз натпревар во чии рамки најдосетливите добија награди, рече Врабевски
 
Во рамки на посетата учениците го посетиле Регионалниот историски музеј, античкиот квартал „Вароша“, каде што ја разгледаа „Измирлиевата куќа” и црквата „Воведение на Пресвета Богородица”
 
Во рамки на трансграничната соработка во наредниот период на 16 ноември фондацијата ќе организира натпревар во роботика, информатика и претприемништво при што најдобрите ученици на крај на годината ќе имаат можност за посета на Брисел.
 
Како дел од трансграничната соработка неодамна со помош на оваа фондација беше доделен училишен инвентар со кој беа опремени неколку занимални во детската градинка Весели Цветови во Делчево.