Балкан
23. April 2021 - 11:37

Митов му го врати мандатот на Радев за формирање нова бугарска Влада

Даниел Митов, мандатарот за формирање на новата Влада од победничката партија ГЕРБ, на изборите во Бугарија, утринава му го врати мандатот на претседателот Румен Радев. Митов во претседателството беше придружуван од претседателката на парламентарната група на коалицијата ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на Даниел Митов, ГЕРБ се обидел да ја формира новата бугарска Влада, но се сретнал со ароганција од другите партии во Националното собрание, од кои тој побарал поддршка.

Од своја страна, бугарскиот претседател Радев се заблагодари за напорите направени за формирање влада. Тој коментираше дека во наредните денови ќе соопшти кога ќе и го предаде мандатот на втората политичка партија – „Има таков народ“ на Слави Трифонов за формирање влада.

Според него, на Бугарија и треба стабилна влада поддржана од парламентот.

Шефот на државата изрази надеж дека овој пат времето ќе биде искористено за консултации и разговори меѓу партиите во 45-то Национално собрание.

Според законот, претседателот на Бугарија мора да го предаде испитувачкиот мандат на втората политичка партија, а доколку и таа не успее да формира владин кабинет, според своето дискреционо права претседателот ќе го предаде мандатот на трета партија.

Периодот на консултации меѓу доделувањето на трите мандати од страна на бугарскиот претседател е доста долг и може да трае доста долго.