Македонија
22. August 2021 - 15:45

Митева: ВМРО-ДПМНЕ купи четирипати повеќе возила и механизација

Повторно го прашувам Шилегов каде се и за што се потрошени 12.5 милиони евра од продажбата на градската куќа?

Кога Шилегов се фали дека нешто набавил, нека се присети дека да не беше ВМРО-ДПМНЕ сега уште ќе се возеа старите автобуси од пред 40 години по улиците на Скопје. Градските власти од ВМРО-ДПМНЕ купија 310 автобуси за ЈСП, или 3 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека купил како возила за сите градски претпријатија.

Петре Шилегов кога се фали дека додека е градоначалник претпријатијата под Град Скопје набавиле 130 возила треба да знае дека толку возила се набавени во времето на ВМРО-ДПМНЕ во само едно претпријатие. Додека за сите претпријатија во целост се набавени над 500 возила и механизација, односно 4 пати повеќе од тоа што Шилегов денес се фали.

Во време додека ВМРО-ДПМНЕ управуваше со Град Скопје набавени се 100 возила само за ЈП „Комунална хигиена“, во чиј состав влегуваат камиони за собирање на смет, чистење и миење на улици, и тоа е најсовремена опрема каква што имаат и големите европски метрополи.

Нови машини се купени и за ЈП „Улици и патишта“, тоа 2 камиони четироосовинци, 2 ровокопачи, машина за нанесување на асфалт, неколку валјаци, камиони за пренесување на работници и алат, машини за залевање на пукнатини на асфалт и многу друго.

Во ЈП „Паркови и зеленило“, ВМРО-ДПМНЕ има набавено 10-тина возила и над 50 косилки, како и тракторска косилка и камион за пресадување на дрва која е машина каква што претходно немала Република Македонија.

Десетици возила се купени и за ЈП „Градски паркинг“ и за „Дрисла“ каде се купени утоварувачи и  машини за пресирање на сметот.

Ова е 4 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека го купил. Тоа е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ 4:1.

Време е за одговори и одговорност. Време е за промени. Време е Скопје да тргне напред. Време е за Македонија за сите луѓе.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ