Свет
31. May 2017 - 19:40

Мирослав Лајчак избран за претседател на Генералното собрание на ОН

Словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак е избран за претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, а таа должност треба да ја преземе на 72. седница на ова меѓународно тело, која ќе почне во септември.

Во Собранието, кое има 193 земји-членки и кое го контролира буџетот на ОН, одекна аплауз кога актуелниот претседател Питер Томсон соопшти дека Лајчак е избран за нов претседател.

Лајчак истакна дека за време на едногодишното претседавање ќе се фокусира на стремежите да се постигне мир и пристоен живот за сите луѓе, спречување судири, медијација, борба против сиромаштијата, миграциските прашања и човековите права.

Тој дополни и дека е време да се реформира Советот за безбедност на ОН и оти тој лично ќе се залага за тоа.