Македонија
19. August 2018 - 17:06

Министрите молчат до владината седница во среда

Министерството за труд и социјала не открива колку средства од својот буџет ќе одвои за кампањата на Владата за референдумот.

За разлика од Царовска, вчера министерката за одбрана најави дека од своето министерство на владата на располагање ќе и стави сума од милион евра пари на граѓаните, идентична со она која нејзината партија ја потроши на последните парламентарни избори на кои и дојде на власт.

Од Владата за Сител детали за трошоците за рекламирање за референдумот најавуваат во текот на идната недела, најверојатно по владината седница закажана за во среда.

Со или без дефинирани трошоци, првите луѓе во Владата веќе на големо ја тераат својата кампања. На социјалните мрежи може да се забележат платените објави на премиерот и неговата заменичка а на терен работи и партиската структура на СДСМ.

За опозицијата кампањата која ја води власта е тросмислена и има за цел да ги манипулира граѓаните. Опозицискиот лидер во интервју за Алсат вели дека е убеден дека тоа нема да помине во јавноста.

Мицкоски и натаму не ја открива позицијата на неговата партија за претстојниот референдум. Тој уште еднаш повтори дека погрешен одговор е многу полоша варијанта од тоа да нема никаков одговор, уште еднаш потенцирајќи дека штом партијата ќе изгради став, тој ќе им биде соопштен на граѓаните.

Александар Спасовски – Сител Телевизија