Македонија
26. July 2021 - 16:32

Министерството за здравство во обид да го зголеми интересот за вакцинација

По четворица во Штип и Струмица, 10 граѓани во Велес... ова се само дел од бројките на пријавени за вакцинација во домашни услови, која официјално започна од денеска. Дел од нив ќе бидат боцнати со Астра Зенека а дел со Синовак и медицински екипи ќе ги посетуваат од утре. Од Министерството за здравство објавија контакти од сите здравствени домови во државата за сите лица кои поради одредени здравствени причини не се во можност да се појават на пунктовите да добијат вакцина дома. Ова е само еден од начините да се зголеми бројот на имунизирани во земјата кој се уште е многу далеку од потребниот процент за колективен имунитет.

И покрај известувањето од надлежните, многу здравствени установи со месеци вршат имунизација во домовите на неподвижни и тешко болни лица а екипи одеа и во старските домови. Утре во 31 населено место продолжува и теренската имунизација а во диспанзерите за деца над 12-годишна возраст.

Статистиката покажува дека до крајот на минатата недела 330.320 граѓани се целосно заштитени со две дози на вакцина и надлежните апелираат на што помасовна вакцинација. Од досега вакцинираните 96 завршиле со позитивен тест на Ковид-19 а 13 биле и болнички хоспитализирани.