Македонија
23. August 2017 - 19:24

Министерството за финансии го објави Граѓанскиот буџет

Министерството за финансии изработи и објави Граѓански буџет во кој на начин близок до широката јавност, се претставени клучните информации од Буџетот на државата. Целта на изработување, како што информираат од Министерството, е за државниот буџет да биде подостапен и транспарентен за граѓаните.

Граѓанскиот буџет, појаснуваат, не е замена за деталниот буџет на државата, туку претставува приказ преку кој секој граѓанин во рок од пет минути може да ги дознае плановите за управување со јавните финансии.

- Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен чекор напред во спречување на злоупотребите од страна на носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики, вели во предговорот министерот за финансии Драган Тевдовски.

Од Министерството за финансии најавуваат дека следниот Граѓански буџет ќе се објави со предлог Буџетот за 2018 година и изработката на овој документ ќе стане пракса и во иднина.

- Буџетот го финансираат граѓаните и фирмите и тие се негови директни и индиректни корисници. Буџетот е од граѓаните – за граѓаните, затоа секој треба да има пристап и увид во него, стои во соопштението.

Граѓанскиот буџет може да се преземете на следниот линк.