Македонија
5. September 2018 - 21:09

Министерството и синдикатот потпишаа покачување на платата од 5% за сите здравствени работници

Со официјално потпишување на спогодбата меѓу Министерството за здравство и Синдикатот, во октомври над 19 000 здравствени работници ќе добијат поголема плата од 5 проценти. Средномедицинскиот кадар ќе има дополнителни 1500 денари а личниот доход на хирурзите од универзитетските клиники ќе биде зголемен за 4500 денари.

- Најголемата придобивка е исполнувањето на ветувањето на Владата за ова зголемување на платите, а најбитното за нас како Синдикат е што ова покачување се однесува за сите вработени во здравството. На преговарачката маса со Министерството за здравство се ставени веќе и корекциите на коефициентите на сестрите со средно образование и корекциите на коефициентите на лекарите специјалисти, изјави Љубиша Каранфиловски претседател на Самостојниот синдикат за здравство.

Од Синдикатот се задоволни што ова зголемување на платите е за сите вработени во здравствениот сектор. Револт има кај околу 1500 матични лекари кои не се опфатени со оваа одлука. Подобри услови за нив министерот Филипче најави за наредната година.

-Во разговори сме со Фондот за здравствено осигурување на почетокот на наредната година да видиме за зголемување на капитациониот бод, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Премиерот најави дека ова е само почеток од реализацијата на нивните ветувања за здравствениот сектор. Според Заев сега платата на специјалистите е околу 50 000, а нивниот таргет е 100 000 денари.

-Се надевам со Венко ќе успееме да го скршиме Тевдовски. Нашиот таргет е 100 000 денари. - Верувам дека тој таргет ќе го постигнеме. Впрочем убеден сум дека ќе го постигнеме. Моја желба е од 1 јануари да биде постигнат. Ако успееме тоа да го направиме би бил многу среќен, ако не согласно перформансите и парите кои ги имаме на располагање во буџетот, го правиме првиот чекор веројатно до 80.000 денари и веднаш на второ полугодие да стигнеме до 100.000 денари, изјави Заев.

И додека специјалистите стигнат до плата од 100 000 денари, наредниот период Филипче најави средба со Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари кои побараа плаќање на патни трошоци, субвенции за купување на дом како и платено породилно за сите лекарки кои добиле лиценца без разлика на работниот однос. Нивните предлози се во насока на подобрување на статусот на докторите како и спречување на миграцијата на медицинскиот кадар.