Балкан
5. April 2021 - 8:56

Министерство за здравство на Црна Гора: Нема докази дека смртта на пациентот е поврзана со Астра Зенека

Министерството за здравство на Црна Гора соопшти дека во земјата продолжува вакцинацијата со вакцината на Астра Зенека и оти нема докази дека причината за смртта на еден осумдесетгодишник е вакцината што ја примил претходниот ден.

Комисијата за анализа на несакани ефекти по вакцинирање при Институтот за јавно здравје ја испитува можноста за поврзаност на смртта на 80-годишен пациент со бројни здравствени ризици и придружни болести кои можеле да резултираат со нагла и ненадејна смрт, со вакцинација со Астра Зенека.

Како што е наведено, „засега нема никаква поврзаност со вакцинацијата и додека не се докаже јасна поврзаност, вакцинацијата продолжува“.

Во соопштението од Министерството се додава дека Комисијата на Институтот за јавно здравје смета дека имунизацијата треба да продолжи имајќи ги предвид сите моментално достапни податоци, како и фактот дека откажувањето на програмата би претставувало потенцијален поголем ризик за здравјето на невакцинираните лица поради можно заболување со Ковид-19.