Македонија
28. January 2016 - 17:56

Министерот Неждет Мустафа во посета на Пехчево

Проектите од инфраструктурата беа главна тема на работната средба на министерот без ресор Неждет Мустафа и градоначалникот Игор Поповски што се одржа денеска во Пехчево.
 
Министерот без ресор Мустафа, кој воедно е и национален координатор на Декадата и Стратегијата за Роми, со  градоначалникот Поповски разговараше и за тековните и идните проекти поврзани со општина Пехчево.
 
Денешната посета на Пехчево, министерот Мустафа ја заокружи со посета на селото Црник, каде направи увид во реализацијата на проектите во селото. 
 
-  Како министер без ресор ќе дадам поддршка за реализација на овие проекти кои се во насока на подобрување на условите за живот на ромското население. Во таа насока е и инвестицијата во новата улица која ќе се гради во селото Црник во должина од 300 метри, каде заедно со Општина Пехчево и Декадата на Ромите ќе инвестираме околу 1 милион денари, рече Мустафа.
 
Министерот без ресор Мустафа најави финансиска помош и за повеќе помали инфарструктурни проекти, како што е изградба на помали улички во селото. Тој на средба со жителите, истакна дека Ромите имаат отворени врати од локалната самоуправа и градоначалникот, а тоа им овозможува да се вработуваат, да ги користат мерките за вработување, и други продуктивни цели.
 
Градоначалникот Поповски посочи дека локалната самоуправа во континуитет инвестира во ова село во подобрување на патната инфраструктура, осветлувањето, поставување бекатон плочки, изградба на пречистителна станица, реконструкција на Задружниот дом, реконструкција на канализационата мрежа и додаде дека во идниот период жителите ќе добијат и ново спортско игралиште.
 
- Општина Пехчево има подеднаков концепт за сите граѓани затоа што ние не ги делиме според етничката припадност. Програмата за реализација во ова село се спроведува без проблеми. Интегрирањето на ромските деца се врши максимално, а соработката ќе продолжи и понатаму. Досега реализиравме многу проекти посветени на ромското население, а ќе има нови согласно општинскиот буџет и други фондови, истакна градоначалникот Поповски.