Македонија
16. February 2016 - 18:30

Министерката Ташевска - Ременски во посета на Домот за доенчиња во Битола

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски денескa во Битола ги посети Домот за доенчиња и мали деца, Дневниот центар за лица со посебни потреби и Центарот за социјални работи.

Посетата се реализира во рамки на редовните активности на министерката, а во Домот за доенчиња и мали деца таа се интересирала посебно за здравствената грижа на дечињата кај кои во текот на месец јули, ноември и декември минатата година било дијагностицирано кожно заболување.

Министерката посетата на Домот за доенчиња и мали деца го искористи и да ги демантира како што кажа, тенденциозните написи на одредени медиуми коишто имале за цел да ја сокријат одговорноста на разрешената директорка за непријавување на состојбите во Домот.

Како што информираше министерката Ташевска-Ременски, в.д. директорката на Домот за доенчиња по преземањето на функцијата информираше за сите состојби во Домот и се погрижи да обезбеди засилени мерки за надзор и засилена здравствена грижа за дечињата кај кои била констатирана кожна болест и тие се чувствуваат добро.

- Во Домот за доенчиња и мали деца се вршат засилени мерки за надзор и засилена здравствена грижа за дечињата кај кои била констатирана кожна болест и тие се чувствуваат подобро. Дополнително, во вонредниот инспекциски надзор од 11 февруари констатирани се три деца кои имаат кожна болест, но таа не соодветствува на болеста на претходните шест дечиња заразени минатата година. Но и тие исто така се со соодветна медицинска грижа. Во минатата година во јули, ноември и декември кај 6 деца била дијагностицирана кожна болест „скабиес“ и тие се на прагот на излекување, додека кај 3 деца имало алергиски реакции, појасни Ременски на прес-конференцијата во Домот за доенчиња и мали деца.

Таа апелираше медиумите одговорно, објективно и совесно да ги пренесуваат сите информации поврзани со работата на јавните установи, потенцирајќи притоа акцентирајќи дека, како што рече, тенденциозното ширење дезинформации најголема штета им нанесува на дечињата коишто чекаат да бидат згрижени и посвоени и на совесниот персонал којшто посветено се грижи за дечињата во Домот за доенчиња и мали деца.

За време на денешниот престој во Битола, министерката Ременски најави продолжување на постапката за реновирање на објекти кои се во надлежност на Министерството. Наскоро се очекува со ова да биде опфатен Дневниот центар за стари лица во населбата „Буковски ливади“.