Македонија
28. July 2021 - 17:15

Мини Шенген со нови промени

Работниците слободно ќе бараат работа во регионот. Утре Македонија, Албанија и Србија ќе потпишат меморандум со кој ќе ја изразат својата волја да го олеснат движењето на работната сила, да ги укинат работните дозволи и и да ги поедностава постапките за дозвола за привремен престој. Потпишувањето на меморандумот ќе биде во рамките на економскиот форум кој го организира Макеоднската влада. Трите страни ќе потпишат договор и за олеснување на трговијата, тема за која се зборува со години, а тешкотиите не се надминати.

Претседателот на најголмата комора во земјава, Бранко Азески, вели дека на Балканот му е доста од затвореност, дека е време за дигитализација, признавање на документите и крај за долгите колони со камиони на границите.

И српскиот претседател на трговската комора вели дека соработката во Западен Балкан ќе придонесе за политичка стабилност и ќе испрати јасен сигнал до инветситорите дека ова е регион на успех.

„Ние сакаме да ги отстраниме сите бариери за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал на територијата на нашите земји, дека сите дозволи на надлежни инспекции, пазар, фитосанитарни и други, се валидни во сите земји, без оглед каде се издадени. Очекуваме „брзи поминувања” за граѓаните и економиите на Албанија, Северна Македонија и Србија“, изјави Марко Чадеж, претседател на трговската комора на Србија.

На утрешниот самит ќе присуствуваат претсваници на над 300 компании од регионот на Западен Балкан, како и прмеиерите на Македонија и Албанија, Заев и Рама и претседателот на Србија Вучиќ. Ќе биде потпишан и договор за соработка во услови на катастрофи.