Балкан
6. November 2017 - 15:18

Милорад Додик се откажува од одлуката да свика референдум за судот и обвинителството на БиХ

 
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска пред Парламентот на РС изјави дека „државата има право да донесува одлуки за своите прашања и никој друг нема право да носи одлуки наместо неа".
 
Во Бања Лука денеска почна специјална седница на народното собрание на РС на која се разгледува предлог-одлуката за ставање надвор од сила на Одлуката за распишување референдум за Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина.
 
Според Додик, „одлуката за суспендирање на референдумот не е знак на слабост, туку проценка дека во овој момент би немало политички консензус по тоа прашање“.
 
Тој уште истакна дека РС ги има предвид меѓународните односи, но оти е убеден дека народот еден ден ќе излезе на референдум за Судот и Обвинителството.
 
Одлуката за одржување референдум за работата на Судот и Обвинителството на БиХ е донесена на 15 јули 2015 година. Предвиденото рефрендумско прашање гласеше: Дали поддржувате неуставно и неовластено наметнување на законот од високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, посебно наметнатите закони за Судот и Обвинителството на БиХ и примена на нивните одлуки на просторот на Република Српска?“.