Македонија
23. July 2021 - 16:45

Мијалков и „Алфите“ добија ослободителна пресуда за случајот „Тортура“

Сашо Мијалков и шестемина полициски алфи се ослободени од вина за апсењето на Љубе Бошковски. Според судијката, Александра Ристеска, обвинителот не докажал дека поранешниот директор на УБК побарал од специјалната единица нечовечко апсење на лидерот на партијата „Обединети за Македонија“. Разговорот на Мијалков од т.н бомби, за судот е лично толкување кое го дал после настанот.

„Судот не може со сигурност да утврди казуална поврзаност на одредени поттикнувачки дејствија на обвинетиот Мијалков со конкретно обвинетите лица. Бидејќи од понудените и изведени докази во текот на главната расправа, судот едноставно може да заклучи дека се работи за лична интерпретација на обвинетиот Мијалков на самиот чин на апсење на оштетениот Љубе Бошковски, која интерпретација е по завршување на самиот настан. Така самото обвинение во делот на поттикнувањето од обвинетиот Мијалков за судот остана на ниво на претпоставка“,  изјави Александра Ристеска, судија во Основен кривичен суд.

Во обвинението нејасно било какви дејствија презеле алфите и дали примениле прекумерна сила. Не се докажало ниту, дали Бошковски претрпел душевна болка од апсењето, или тоа било само негов личен впечаток.

За обвинителот, предметот е прецизен. Со ослободителната пресуда, се испраќала порака дека се дозволува таков начин на апсење.

„Во модерните демократски цивилизирани општества, вакво лишување од слобода е забрането и санкционирано. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, при јасни докази и недвосмислени докази. Ќе вложиме жалба на сите околности, а сметам и дека ќе биде испратена порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит“, изјави Љубомир Лапе, Јавен обвинител.

Според одбраната, одлуката на судот била законска бидејќи обвинението се темело на претпоставки.

„Во овој случај обвинителот морал јасно, недосмислено да го прецизира секое дејствие на извршување на секој од обвинетите поединечно. Тоа обвинителот и при преотварањето на главната расправа не го стори. Судот во своето образложение јасно и децидно наведе дека се работи само за претпоставки кои во никој случај не можат да го оправдаат тврдењето изнесено во обвинителниот акт и од тие причини донесе ослободителна пресуда“, изјави Љупчо Шврговски, Адвокат на Сашо Мијалков.

Судењето за предметот „Тортура“ оформен од поранешното СЈО почна пред три и пол години. Мијалков и шестемина алфи беа обвинети за брутално апсење на Бошковски.