Балкан
7. March 2020 - 12:55

Мицотакис: Договорот ЕУ – Турција е мртов, а одговорна е Анкара

Договорот помеѓу Турција и Европската Унија е мртов, бидејќи Турција реши целосно да го прекрши, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за Си-ен-ен“, и објаснува дека официјална Анкара го прави токму спротивното од она што е предвидено во договорот со ЕУ од 2016година, јави дописничката на МИА од Атина.

– Да бидеме искрени, во овој момент, Договорот е мртов и е мртов бидејќи Турција реши целосно да го прекрши Договорот, поради она што се случи во Сирија. Турција има обврска да ги спречи луѓето да стигнуваат на крајбрежјето, има обврска да прави сѐ што може за да ги ограничи криумчарите и да им забрани на луѓето, нелегално да ги преминуваат границите со Грција. Ова е точно она што го предвидува договорот. А Турција го прави токму спротивното. Систематски им помагаат, како на копно така и на море, на напорите на луѓето да преминат во Грција, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер наведе и дека Турција не може да ја уценува Европа, а „Ердоган треба да го сфати тоа и да престане да шири лажни вести“.

Во однос на ситуацијата на грчко-турската граница кај Еврос, Мицотакис коментира дека тоа е „свесен обид на Турција да ги користи бегалците и мигрантите како геополитички пиони“ и станува збор за „континуирана и систематска провокација што нема никаква врска со страдањата на овие луѓе“.

– Со она што сме соочени во овој момент, во суштина не е мигрантски или бегалски проблем. Тоа е свесен обид на Турција да користи мигранти и бегалци како геополитички пиони за промоција на нејзините интереси. Луѓето кои што се обидуваат да поминат во Грција не се луѓе кои доаѓаат од Сирија, не се од Идлиб. Живеат во Турција голем временски период, повеќето од нив течно говорат турски јазик. Добиваат целосна поддршка од турската Влада, им обезбедува средства за нивен транспорт до граница, а Грција, секако го прави она што секоја суверена држава има право да го стори: да ги заштити границите од секаков вид на нелегален влез, посочи Мицотакис и додаде дека имало обиди да се запали заштитната ограда на границата и била фрлена голема количина солзавец.