Македонија
3. October 2018 - 17:50

Мицотакис бара грчкиот народ да одлучи за договорот од Преспа

Со Договорот од Преспа за прв пат на соседната земја и се отстапуваат македонска националност и македонски јазик. Од таа причина ние овој договор нема да го ратификуваме, истакнал претседателот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис, информираат тамошните медиуми.

Обвинувајќи ја за разединетост актуелната грчка влада, лидерот на опозицијата побарал, веднаш по парламентарните избори, прашањето со преспанскиот договор да оди на референдум.

Ние ќе инсистираме: избори колку е можно поскоро. Колку поскоро си оди владата, толку подобро е за земјата. А за прашањето со Договорот од Преспа, нека одлучи грчкиот народ. Пред договорот да дојде за ратификација во Парламентот, порачал Мицотакис.

Препукувањата меѓу Владата и опозицијата особено се интензивираа по објавувањето на стенограмите од двете лидерски средби во нашата земја, посебно информацијата за тајната средба меѓу Премиерот Заев и европратеничката од Нова демократија, Мариа Спираки.    

За грчките власти, средбите на специјалната претставничка на Мицотакис, ја покажува националната неодговорност на лидерот на опозицијата и  бараат објаснувања од Нова демократија, какви доверливи пораки му пренела таа на македонскиот премиер.

Одговарајќи на прозивките од грчките власти, Спираки изјавила дека со Заев се сретнала случајно, кога пиела кафе, и дека имала само една средба, а не две како што во својот текст тврди германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Додека со министерот за НР Димитров, имала неколку средби.

Од Нова Демократија пак велат дека најважниот момент кој што се открива од разговорите е констатацијата на раководството во Скопје, дека Македонија, нема да најде попогодна грчка Влада од онаа на Ципрас, за конечно склучување на договор.

Бранислав Јанески Сител ТВ