Македонија
18. February 2020 - 12:22

Мицкоски ветува нов автопат Велес – Битола и завршување на пругата кон Бугарија

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на предвремените парламентарни избори денеска објави дека се обврзува на инвестиции во патната инфратсруктура во износ од две милијарди евра. Меѓу тие проекти се изградба на нов автопат од Велес до Битола, довршување на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, на експресните патишта, како што рече денеска на прес-конференција, почнати во време на последниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, но и нови од Куманово до Крива Паланка, Битола до грчка граница и од Струмица до границата со Бугарија.

-Се обврзуваме на обнова која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани, рече Мицкоски.

Тој ветува  нов асфалт и целосна реконструкција на 1.000 километри регионални државни патишта, 300 милиони евра инвестиции во изградба на нови водоводи и канализации низ целата држава, набавка на пет нови  возови за подобри услови во железничкиот сообраќај и сериозна модернизација на возниот парк.

– Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на пруга Битола до Грција и пруга за Бугарија која многупати во минатото беше ветувана, но конечно денеска можеме да ветиме дека тоа во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја завршиме, наведе Мицкоски.

Ветува дека ќе обезбеди и нови евтини авио летови до главните европски аеродроми и поврзување со европските центри, како и дека ќе работи на воведување прекуокеански летови до САД за поевтина и полесна комуникација.

Обновата, што сака да ја спроведува, опфаќа и како што вели, целосна дигитализација на Катастарот за нулта корупција.