Македонија
22. May 2020 - 16:46

Мицкоски тврди дека владините уредби се за предизборен поткуп

Класична изборна измама и обид за предизборен поткуп на граѓаните е последниот сет мерки кој го најави Владата, тврди шефот на најголемата опозициска партија. Тој денеска на прес конфернеција констатираше дека со првите два пакети на мерки, Владата потфрлила бидејќи не успеала да подели ниту половина од ветените пари. Дополнителен проблем според Мицкоски е и фактот што Владата ветува дека ќе дели пари во месеци јуни и јули, а истовремено настојува во тој период да се одржат изборите. Според него, ако владата планира да ги подели овие пари, избори до 30 јули не може да има.

Мицкоски им порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи како што вели, по промената на Власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реализира сите ветувања со кои сегашната влада на СДСМ се обидува да ги поткупи граѓаните, иако како што вели се свесни дека поради законските ограничувања, мерките нема да може да се реализираат.
Техничкиот премиер денеска вели дека не сакал да го коментира Мицкоски бидејќи често менувал ставови.

Владата третиот пакет мерки го донесе на крајот од минатата недела. Од тогаш до денеска, ниту 4 прес конференции на речи си сите министри од владиниот кабинет не дадоа одговор на клучните прашања. Кој ќе има право да ги користи парите и на кој начин тие ќе им бидат поделени на граѓаните. Од Владата велат дека тоа ќе утврдат со уредби кои ќе се донесат во текот на идната недела.