Македонија
21. February 2021 - 17:18

Мицкоски: Собрани вкупно 45.000 потписи за поништување на Законот за попис

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во објава на Фејсбук тврди дека во рамки на вчера започнатата иницијатива за собирање потписи за поништување на Законот за попис, под мотото „Стави го својот потпис за вистински попис“, досега се собрани 45 илјади потписи.

– Денес се собрани нови 20 илјади потписи против фалсификат на пописот кој на сила го турка власта. За два дена собрани се 45 илјади потписи. Благодарност до секој еден граѓанин за поддршката. Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис. Но и многу поширока порака за власта, која ако сега не ја разбираат, ќе ја разберат многу скоро. Македонската пролет доаѓа!, наведе Мицкоски во објавата на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение наведе дека илјадници граѓани ширум земјава и денеска масовно даваат поддршка на Граѓанската иницијатива за Закон за поништување на Законот на попис.

– Граѓаните и денеска упатија јасна порака до Зоран Заев и СДСМ, НЕ за фалсификат попис кој нема да ја отслика реалната бројка на населението во државата. Ова е доволна причина, Заев и СДСМ да се откажат од политичката, наместо статистичката операција, која значи само задоволување на интересите на коалициските партнери, се наведува во соопштението, во кое се додава дека ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува сите граѓани кои се уште не се потпишале да го сторат тоа на некои од штандовите.