Македонија
14. November 2020 - 16:29

Мицкоски: Прифатлив е договор со заштитен јазик, идентитет, историја и малцинство - во спротивно ќе им се случи народ

Опозицијата ќе и даде поддршка на власта доколку со Бугарија постигне договор со кој ќе се заштити посебноста на македонскиот јазик и идентитет, но доколку Заев повторно се испазари на штета на националните интереси, тогаш ќе му се случи народ истиот ден. На 3 дена пред крајниот рок за договор со официјална Софија, опозицискиот лидер Мицкоски ја предупредува власта да не прави повеќе отстапки

Мицкоски откри детали од разговори кои ги водел со високи функционер во бугарската влада во кои како што рече, од бугарска страна му било објаснето дека официјална Софија сега од Заев бараат да ги исполни ветувањата кои ги давал како опозициските лидер пред да дојде на власт во 2016.
Од СДСМ велат дека не народ веќе му се случил на Мицкоски. Во писмено соопштение од Бихаќка велат дека јазикот и идентитетот се бетонирани.
„Храбрите политики на претседателот на СДСМ Зоран Заев, потпишувањето на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ја прекинаа агонијата на неизвесност во државата, ги решија децениските заложби на граѓаните и државата за евроатлантска перспектива.
Нашите политики во изминатите три години се конзистентни, нашиот идентитет е цврст како бетон, а македонскиот јазик признат, еден од јазиците на ЕУ, запишан во ООН, па и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е потпишан и на македонски јазик.“ – стои во писменото соопштение на СДСМ
Иако блед, власта не крие дека уште негува оптимизам дека пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унијa закажан за во вторник Бугарија ќе се откаже од правото на вето кое бугарските власти веќе го најавија.