Македонија
27. April 2019 - 11:22

Мицкоски: Празникот да биде пример дека правдата и правдината секогаш победува

Дозволете ми во мое лично име и во името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни верници да им го честитам празникот Воскресение Христово, Велигден. На најголемиот христијански празник посакувам многу здравје, благодет, среќа и љубов.

Овој голем ден, кога доброто го победи злото, кога љубовта ја победи омразата, а животот смртта нека биде пример за тоа дека правдата и правдината секогаш победува, дека можна е светлина дури и тогаш кога црнилата се најприсутни. Овој празник е пример за тоа како единствено со чесност и достоинство, пожртвуваност, љубов и взаемно почитување можеме да создадеме подобро утре за нашите деца и идните поколенија.

Потребно ни е обединување во моментите кога граѓаните живеат во неизвесност, несигурност и поделби, потребна е надеж во овие тешки моменти на разочараност, апатија и неизвесност. А тоа можеме да го постигнеме доколку бидеме гласни и се бориме за нашите ставови и заедничка иднина.

Овој празник испраќа пораки на сплотеност, пожртвуваност, добрина и праведност. Христос Спасителот пострада за нашето спасение, и овој ден и сите останати да ги минуваме со добра мисла, заедништво и подадена рака.

Ви посакувам прекрасни празнични денови, проследени со многу љубов и хармонија во вашите семејства, добро здравје и мир во вашите домови, на вам и на вашите ближни. Нека е за многу години Велигден.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ