Македонија
26. July 2019 - 14:46

Мицкоски: Неконструктивна е власта, а не опозицијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференцијата во партиското седиште истакна дека на денешната средба со со в.д. помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија на САД Филип Рикер ќе има можност да му каже „кој игра политички игри и дека Владата, а не опозицијата е неконструктивна“.

-Ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам на господинот Рикер кој игра политички игри и детално да го образложам тоа. А господинот Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни се надевам ќе донесе правилна одлука, рече Мицкоски денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ има конструктивен пристап и оти треба да се отвори прашањето дали Владата е конструктивна.

-Рикер во ниту еден момент не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот земи или остави. Искусни дипломати и луѓе кои се едуцирани во демократски системи не се однесуваат како Заев кој сака да наметне едноумие и цензура на слободната мисла, рече Мицкоски.

Прашан за коментар за акцискиот план за борба против дезинформациите и лажните вести, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е обид за враќање во 49-та година од минатиот век, цензура и контрола на слободно и демократски искажаната мисла.