Македонија
13. јуни 2019 - 22:38

Мицкоски: Летово нема датум за преговори со ЕУ

Ова лето, ниту во јуни, ниту во јули нема да добиеме датум за отпочнување преговори со ЕУ, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Отворено“ на Алфа телевизија.

Тој најави дека ќе предложи на Извршниот и на Централниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ со сиот свој потенцијал на ниво на висок дијалог да работи со Владата за надминување на сите пречки што стојат на патот за нашата држава во октомври да добие датум за преговори.

– Интересот на граѓаните и на државата е пред се и над се и така треба да се однесуваме. Ако гледам лично, партиски, да, можеби сега е моментот кога ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и да побара предвремени паралментарни избори и да победи. Но, дали таа победа ќе ја оддалечи нашата земја за уште една изгубена година до следниот датум кога треба да се одлучува за евентуален датум за преговори, се ризиците што постојат, рече Мицкоски и додаде дека треба да се работи за иднината на државата.

Според него, ако се чекаат одлуките на Централниот одбор на СДСМ и од тоа зависат одлуките во Владата тогаш, како што рече, сме го погрешиле политичкиот систем во државата, тоа е погрешен пристап и лош пример за во иднина и уште еден минус на контото на државата во октомври.

Тој рече дека СДСМ води политика на материјализам и клиентелизам. Според него, огромно е задолжувањето на Владата, а реализацијата на капиталните инвестиции е катастрофална.