Македонија
8. May 2021 - 16:41

Мицкоски го обвини Пендаровски дека е дволичен за „27ми април“, претседателот демантира

Ден по средбата, лидерот на опозицијата ја оцени како дволична изјавата на Пендаровски. Без да открива детали, Мицкоски вели дека во текот на разговорите внатре со шефот на државата имале исто ставови за настаните од 27 април, а еден час подоцна Пендаровски во изјава за медиумите зборувал сосема друго.

- Тоа што го спомнав надвор практично се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние би рекол новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски, јас го разбирам нормално не можам да  го оправдам бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите, но во ред битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку имаме нови докази овој случај како и многу други случаи во минатото да започне од самиот почеток, рече Мицкоски.

Од кабинетот на шефот на државата со сосема спротивно тврдење.

Ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски.

Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани. Инаку претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат, се вели во реакцијата од кабинетот на Пендаровски, кој вчера по средбата порача дека за амнестија на осудените лица за 27 арпил нема простор, но правната квалификација тероризам е престрога.