Македонија
8. October 2018 - 17:06

Мицкоски до Заев: Докажавте дека се плашите од фер и демократски избори

Власта се плаши од фер и демократски избори затоа што знае дека ќе биде жестоко поразена како на референдумот, порачува опозицискиот лидер во отворено писмо до премиерот Заев.

Со одбивањето на вчерашните предлозите Мицкоски вели СДСМ го покажа вистинското лице и станува заштитник на криминалот, неправдата и безаконието.

Со самото тоа што не се откажува од штетниот договор Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли. Договорот преку кој Заев сака да ја прекрсти на сила државата и народот, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали. Нема друга држава во Светот каде премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине. Затоа би порачал уште еднаш да размисли власта и премиерот, затоа што не е сеедно кој на чива страна бил. Јас веќе одбрав, со народот, на страна на правдата и нашата Македонија, пишува Мицкоски.

Најавите дека веќе следната недела уставните измени ќе се најдат и на собраниска седница, опозицијата ги оценува како уште еден обид за изигрување на волјата на над еден милион граѓани. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е едногласна дека нема да поддржи промена на Уставот.

Мицкоски вчера испрати две нови опции до власта за излез од политичката криза: Избори со Пржинска влада и нов јавен обвинител предложен од опозицијата или ново специјално обвинителство по изборите кое ќе треба да ја истражи работата на актуелната власт, но СДСМ експресно ги одби предлозите оценувајчи ги како уште еден обид да се издејствува амнестија за поранешните функционбери на ВМРО-ДПМНЕ.

Деспина Тодоровска Сител ТВ