Македонија
15. May 2023 - 20:33

Мицевски: Во овој мандатен состав на ВМРО-ДПМНЕ нема преговори за уставните измени

 Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вечерва истакна дека во овој мандатен состав на ВМРО-ДПМНЕ нема преговори за уставните измени.

-Апсолутно нема преговори и во овој мандатен состав на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа впрочем кажа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ниту има мандат, ниту сака, ниту ќе преговара за промена на Устав под диктат на Бугарија, нагласи Мицевски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Тој истакна дека потребно е да се разговара околу владеење на правото и справување со корупцијата и криминалот.

-Тоа е тема за која што ние исто така треба да разговараме и во нашата држава, затоа што владеењето на правото и корупцијата се нешто за кое што не мора некој од надвор да нѐ уверува дека се случува, бидејќи знаеме и ние. Мерењето на јавното мислење укажува дека злоупотребата на владеење на правото, високата корупција излегува од редовите на власта. И тоа сите добро го знаеме. Да, треба да поработиме сите заедно, меѓутоа треба да поработи посебно владејачкото мнозинство и да ВМРО-ДПМНЕ се согласува дека Владата на СДСМ и ДУИ се генератор на високата корупција во државата. И ВМРО-ДПМНЕ се согласува дека на тој европски пат треба сите заедно да поработиме затоа што злоупотребата на европското знаменце и прекршување на обврските кои што ги имаме како држава во Спогодбата за стабилизација и асоцијација утре може да не блокира било која земја членка при евроинтеграции, нагласи Мицевски.

Во однос на функционирањето на Собранието, Мицевски вели дека најголема одговорност за тоа што се случува во законодавниот дом има кај власта и како што посочи, одговорна власт кога не може да одржи функционалност, треба да оди на избори.

- Ако ја погледнете како се движи оваа влада од почетокот на овој мандат, ќе  видите дека 80% од носителите на листи на СДСМ веќе не се во политика, ќе видите дека програмата која  поднесоа не содејствува со ова што се случува, дека коалиционите партнери кои направија тенко мнозинство не се истите. Сменети се улогите за задржување на гола власт. Одговорна власт кога ќе види дека не функционира Собрание оди на избори, свесни дека немаат поддршка, остануваат со наратив за европски фронт, а од друга страна имаме класична злоупотреба и спинување, изјави Мицевски.